Skip to main content
Свет

Арагчи: САД се одлучуваат за воена авантура секогаш кога на масата е решение

08/05/2026  15:04

Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска изјави дека Вашингтон се одлучува за „неодговорна воена авантура“ секогаш кога има дипломатско решение на маса.

„Дали е тоа груба тактика на притисок? Или е резултат на „спојлер“ што повторно го измами американскиот претседател да влезе во уште една неволја“, наведе Арагчи во објава на Икс.

Според неговото мислење, исходот е ист, без разлика на причините.

„Иранците никогаш не попуштаат под притисок, а дипломатијата е секогаш жртва. Исто така, ЦИА греши. Нашиот ракетен инвентар и капацитетот на системите за лансирање не се на 75 проценти во споредба со 28 февруари. Точната бројка е 120 проценти. Што се однесува до подготвеноста да го браниме нашиот народ, таа е 1.000 проценти“, заклучи Арагчи.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денеска изјави дека прекинот на огнот меѓу САД и Иран останува на сила откако двете страни синоќа разменија оган во Ормуската Теснина.

„Три американски бродови разурнувачи од светска класа штотуку поминаа, многу успешно, низ Ормуската Теснина, под оган. Не е нанесена никаква штета на бродовите, но е нанесена голема штета на иранските напаѓачи. Тие беа целосно уништени заедно со бројни мали бродови, што се користат како замена за нивната целосно обезглавена морнарица“, напиша Трамп рано утрово на својата мрежа Truth Social.

Како што изјави, овие ирански бродови „отидоа на дното на морето, брзо и ефикасно“.

„Ракети беа испукани кон нашите разурнувачи и тие беа лесно соборени. Слично на тоа, дојдоа и беспилотни летала, и тие беа изгорени додека беа сè уште во воздух. Паднаа толку убаво во океанот, како пеперутка што паѓа во својот гроб“, додаде Трамп.

Како што истакна, нормална земја би им дозволила на тие разурнувачи да поминат, но „Иран не е нормална земја“.

„Тие се предводени од лудаци, и доколку имаа можност да користат нуклеарно оружје, без сомнение би го направиле тоа – но никогаш нема да ја имаат таа можност и, исто како што ги нокаутиравме повторно денеска, така ќе ги нокаутираме уште појако, па дури и посилно, во иднина ако не потпишат договор, и тоа брзо!“, напиша Трамп.