
Апелација му ја намали казната на осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 од девет на пет години затвор, дознава „Скопје1“. Судиите ја донеле пресудата поради нови околности кои довеле до поблага осуда. До нив била доставена обемна медицинска документација на осудениот, потпишувана од различни професори и доктори, како и од различни државни болници. Со ова, Јовановски е осуден на казна затвор од пет години, а за доиздржување има уште неколку месеци.
„Судиите разгледувале медицински-конзилијарни мислења, во кои се опишувала здравствената состојба на осудениот. Со нив, освен што се констатирало дека Јовановски не може да биде лекуван зад решетки поради тоа што затворот нема ниту терапии, ниту доктори, ниту услови, таму се нотирало и дека тој има инвлидитет бидејќи му е отстранет најголем дел од желудникот и тенкото црево. Во документацијата имало и извештаи за неговата состојба, по како што се наведува, две живото-загрозувачки операции додека бил во затвор, а дека сега има интестинална метаплазија, што може да резултира со гастричен-карцином. Нетретирањето на ваквите состојби, според докторите, можат да доведат фатални последици“, пишува порталот.
Јовановски 13 беше осуден на девет години за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ и „перење пари“. Тој моментално е на лекување.