Skip to main content
Хроника

Ѓорѓиевски откри: Три од четирите сензори на жичарницата на Водно не функционирале

15/09/2026  21:39

Реконструкцијата и сервисирањето на жичарницата на Водно мора да бидат извршени темелно, а нејзиното повторно пуштање во употреба ќе следува дури откако ќе бидат завршени сите проверки и ќе биде потврдена нејзината безбедност. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Тој рече дека по преземањето на функцијата побарал од компанијата „Допелмаер“, која ја добила постапката за реконструкција, детално да ја провери состојбата на жичарницата.

Според Ѓорѓиевски, резултатите од проверката покажале сериозни недостатоци, поради што било неопходно нејзиното функционирање да биде запрено.

„Мене ми кажаа на состанок веднаш после проверките нешто што беше фрапантно за мене – моравте веднаш да го стопирате функционирањето на жичарницата“, рече Ѓорѓиевски.

Како еден од најсериозните проблеми го посочи системот со сензори кои го следат движењето на кабините.

„Во Швајцарија имало несреќа пред неколку години во која, за жал, загинала госпоѓа. Несреќата се случила поради нефункционалност на еден од четирите сензори за движењето на кабините. Кај нас три од четири не функционираа“, изјави градоначалникот.

Тој нагласи дека токму ваквите сознанија биле причина безбедноста на граѓаните да биде ставена пред евентуалните критики поради прекинот на работата на жичарницата.

„Не може ништо да биде повредно – ниту моите поени, ниту шетањето на Водно и сè останато – ако, не дај Боже, не се случи нешто“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, жичарницата не смее да се третира како сезонски објект, туку како инфраструктура што се користи во текот на целата година и која бара континуирано и стручно одржување.

Ѓорѓиевски најави и дополнителна обука за вработените кои во иднина ќе бидат задолжени за редовните сервиси и проверки.

„Таму треба стратешки да се делува и еднаш во годината да се прави проверка, но и промена на оние делови кои треба да ги менувате“, рече тој.

Во наредните денови, според најавите на градоначалникот, треба да пристигнат потребните делови, како и оперативниот тим кој ќе работи на реконструкцијата.

Жичарницата нема да биде повторно пуштена во употреба додека не заврши целиот процес и не бидат обезбедени потребните потврди за безбедноста и гаранции за вградените делови.

Ѓорѓиевски најави дека по завршувањето на работите лично ќе се качи на жичарницата заедно со директорот на ЈСП и вработените, а посочи дека со себе ќе ги земе и своите деца.

„Од кога ќе заврши целиот процес, кога ќе потврди компанијата, кога ќе добиеме сертификат, гаранција на делови и сè останато, јас заедно со директорот на јавното сообраќајно претпријатие и со своите деца ќе отидеме да ја тестираме и да им покажеме на Скопјани“, рече Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека тоа не го смета за популистички потег, туку за начин лично да покаже доверба во безбедноста на жичарницата откако ќе завршат сите потребни интервенции и проверки.

„Најдобар начин да покажете дека нешто е безбедно е кога јас ќе се качам. На тој начин ќе покажам дека навистина е добра состојбата“, порача Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.