
Група од шест американски сенатори од Републиканската и Демократската партија ја повика администрацијата на претседателот Доналд Трамп веднаш да се откаже од планот за увоз на неколку милиони тони дизел-гориво од Русија, оценувајќи дека таквиот потег директно го крши американскиот закон од 2022 година со кој е забранет увозот на руски енергенси поради агресијата врз Украина.
Во заедничкото соопштение објавено од републиканските сенатори Сузан Колинс, Лиза Мурковски, Том Тилис и Џон Кертис, како и демократските сенатори Џин Шахин и Ричард Блументал, сенаторите ја критикуваа Белата куќа затоа што не се консултирала со Конгресот и не доставила законски задолжително образложение.
– Конгресот јасно стави до знаење дека САД не треба да увезуваат нафта од Русија сè додека таа не ја прекине агресијата против Украина и заканите кон нашите сојузници во НАТО – се наведува во соопштението.
Сенаторот Тилис во интервју за телевизијата Ен-Би-Си оцени дека постојат сериозни причини да се постави прашањето за законитоста на планот, потсетувајќи дека Русија е таа што треба да ја заврши војната со повлекување од окупираните територии. Покрај забраната од 2022 година, сенаторите укажаа и на поновите законски мерки со кои се предвидуваат високи царини за најголемите увозници на руска нафта и гас.
Трамп го најави овој договор по разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, со образложение дека дополнителните количества ќе ги намалат цените на горивата во САД. Меѓутоа, енергетските експерти изразија сомнеж за ефектот, посочувајќи дека најавените количества се помали од дневната потрошувачка на дизел во САД, додека Русија ќе има директна економска корист.

Во меѓувреме, републиканскиот сенатор Џон Барасо го бранеше потегот на Трамп како обид за намалување на трошоците за енергија, но истовремено повика на доследна примена на законите за санкции.


