
Извештајот „Состојбата на децата во светот 2025: Искоренување на детската сиромаштија – наш заеднички императив“ е објавен по повод Светскиот ден на детето и се темели на податоци од повеќе од 130 земји.
Шест категории на лишеност
Проценката на повеќедимензионалната сиромаштија ги опфаќа категориите: образование, здравство, домување, исхрана, санитарни услови и пристап до вода.
Според извештајот, 118 милиони деца се соочуваат со три или повеќе форми на лишеност, додека 17 милиони трпат четири или повеќе. Највисоки стапки на сиромаштија се забележани во подсахарска Африка и Јужна Азија.
Иако процентот на деца погодени од една или повеќе тешки лишености се намалил од 51 проценти во 2013 година на 41 процент во 2023 година, напредокот се забавува поради конфликти, климатски кризи, демографски промени и намалена меѓународна развојна помош.
Екстремна сиромаштија и релативно сиромаштија
Извештајот истакнува дека повеќе од 19 проценти од децата живеат во екстремна сиромаштија, со помалку од три долари дневно. Речиси 90 проценти од овие деца живеат во подсахарска Африка и Јужна Азија.
Во земјите со висок приход, околу 50 милиони деца – или 23 проценти од детската популација – живеат во релативна сиромаштија, што го ограничува нивното секојдневно функционирање и развој.
Позитивни примери и предупредувања
УНИЦЕФ ги истакнува и позитивните примери. Словенија, меѓу 2013 и 2023 година, ја намалила детската сиромаштија за повеќе од една четвртина преку систем на семејни надоместоци и минимална плата.
Во Италија, релативната стапка на монетарно сиромаштија кај децата паднала на 23,2 проценти во 2023 година, а животниот стандард на децата се подобрил за 8,6 проценти во последните пет години, наведува претседателот на УНИЦЕФ Италија, Никола Грацијано.
Извештајот предупредува дека без итни глобални и национални политики, децата ќе останат најранливата група погодена од сиромаштија и лишеност од основни права.

