
На прес-конференцијата, пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, истакна дека свежите искуства од последниот изборен процес уште еднаш ја потврдија потребата од темелни, а не козметички измени во Изборниот законик. Тој нагласи дека хроничните слабости во системот со години се провлекуваат од избори во избори, а секој нов циклус само ги нагласува пропустите. „Ова не е закон за партиите, туку е закон за граѓаните”, рече Мециновиќ, потенцирајќи дека изборните правила ја обликуваат највисоката демократска алатка: правото да се избира и да се биде избран.
Како член на Комисијата за политички систем, Мециновиќ најави иницијатива за организирање јавна расправа која мора да ги вклучи сите релевантни општествени чинители: граѓанскиот сектор, академската заедница, медиумите и меѓународните мисии како ОБСЕ, кои со години укажуваат на проблеми во изборната рамка. Тој се осврна и на случаите на непропорционални услови за кандидатите, нотирани и во извештаите на ОБСЕ, особено во делот на платеното политичко рекламирање, каде што малициозното толкување на одредби доведе до сериозна неправичност.
Во услови на длабока поларизација и блокада на опозициски предлози, Мециновиќ истакна дека Собранието мора навремено да ги отвори прашањата поврзани со изборната регулатива, наместо повторно да се носат ад хок решенија непосредно пред избори. Потребни се јасни правила, реформа на изборната единица, фер формули за рекламирање и стабилен изборен систем кој нема да дозволи десетици илјади гласови да пропаѓаат. „Време е гласот на граѓаните да биде ставен во центарот”, порача Мециновиќ, најавувајќи дека Левица ќе ја иницира дебатата и ќе учествува во сите работни тела за суштински реформи на изборниот процес.
линк:

