Skip to main content
Култура

Балетскиот спектакл во два чина „Госпоѓа Бовари“ на 21 ноември на сцената на Националната опера и балет

19/11/2025  13:22

На 21 ноември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер. Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.

Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Климент Тодороски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство.