
Заврши првото судско рочиште за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, на која покрај обвинетите присуствуваа и родителите и роднини на починатите млади луѓе. По завршувањето еден од родителите даде изјава за медиумите во која истакна дека по првото рочиште тие стравуваат дека повторно ќе бидат изманипулирани и случајот ќе заврши како оној за модуларната болница или Ласкарци, бидејќи како што велат иако добиле уверување од премиерот за правично судење, гледаат многу познати ликови кои сега се во улога на адвокати односно бранители на обвинетите.
“Осум месеци поминаа а тие од која основа или појдовна точка нивна тргаат… со разработени математики и калкулации почнуваат. Сега ние родителите се чувствуваме изманипулирани на еден начин и стравуваме дека нашата ситуација ќе излезе како Ласкарци, како автобусот во Бугарија или како модуларната болница, а кога имавме средба со премиерот, две и тоа и со министерот за внатрешни работи исто така две средби, ни беше кажано дека случајов во Кочани е врв на сите криминали што се случуваат и мора да се направи еден рез, затоа што ако не се направи тој рез не треба да не има нас како држава. За нас родителите ова е еден од најголемите испити за државата, затоа што гледаме дека како што минува времето нас не ставаат во заборав. Велат си имаат тие место каде да си плачат, нека си одат таму, јавноста нека не ја замараат… толку се чувствуваме исцрпени и омаловажени што уште од старт, од првите часови на судското рочиште гледам адвокати познати кои со вчера ги гледав по телевизиите, сега се бранители на обвинетите и со свои шеми и математики дејствуваат за наш оштетените начисто да не уништат”, вели родителот на еден од загинатите во Пулс.
