
Со роденденска премиера на претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Иштван Сабо од Унгарија, Битолскиот театар денеска одбележува 81 година од денот на формирањето и почетокот на Меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“.
Главната улога, ликот на Макбет го игра Мартин Мирчевски, а заедно со него во најновиот проект вклучени се четириесеттина професионалци, актери и логистички персонал од Народниот театар-Битола, избрани од унгарскиот режисер Сабо Иштван.
-Претставата ја подготвував два месеци со многу добар тим. Направивме една чудна претстава водена од пораката дека вистинскиот начин да се направи театар е гротеската бидејќи човековата природа само по себе се гротеска. Ние сите на некој начин сме биполарни, трагични и комични. Нашите чувства се секогаш контрадикторни и затоа посебно во оваа претставата е можноста да се откријат овие карактеристики кај луѓето, истакна режисерот Иштван во пресрет на вечерашната премиера.
На денешен ден во 1944 година со изведба на претставата „Ѓоре Магарески“ почна со работа Битолскиот народен театар чии основачи биле Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Вера Вучкова, Јорго Цаца, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.

