Skip to main content
Скопје

Османи: Меџити ги информирал медиумите дека нема да оди на ниедна дебата, се плаши од соочување

09/10/2025  14:43

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во одговор на новинарско прашање уште еднаш реагираше поради одбивањето на неговиот противкандидат, Изет Меџити да учествува на телевизиски дуели.  

„Јас го штедев Меџити веќе неколку недели, бидејќи тој ги има одбиено сите претходни покани за дебати. Ја одби поканата на Телма, на ТВ24, како и на косовскиот медиум на Јета Џара”, изјави Османи.

Тој посочи дека Меџити дури испратил известување до сите медиуми на албански јазик дека нема да учествува на дебати, што според Османи, е доказ дека се плаши од директно соочување и одговорност за своите политики.

„Има пратено порака до сите медиуми на албански јазик дека нема да учествува на дебати. Но, јас тоа не го покренав како прашање, бидејќи ја гледате мојата кампања. Имам толку проекти што немам време да се занимавам со стравовите на противниците”, рече Османи.

Османи додаде дека очекувал Меџити да се појави барем на дебатата на Македонската телевизија, „каде што, на некој начин, е на свој терен”, но дека и таму ја избегнал шансата за соочување.

„Но, кога не се појави ни таму, тогаш морав да им кажам на граѓаните дека ова е состојбата, некој се крие, некој нешто крие, и затоа не се појавува да се соочи со граѓаните и со противкандидатите”, изјави Османи.