Skip to main content
Свет

Европратениците ги отфрлија иницијативите за недоверба на Европската комисија

09/10/2025  13:21

Европскиот парламент денеска во Стразбур во одвоени гласања ги отфрли двете инцијативи за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен.

„За“ иницијативата за недоверба поднесена од десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ) гласаа 179 европратеници, 378 беа „против“, а 37 се „воздржаа“ од гласање.

Иницијативата на Левицата, пак, доби поддршка од 133 европратеници, 383 беа „против“, а 78 „воздржани“.

За прифаќање на иницијативите беше потребна поддршка од најмалку две третини од пратениците што учествуваа во гласањето, при што бројот на оние што гласаа „за“ требаше да биде поголем од половина од вкупниот број европратеници, односно најмалку 360 гласа.

Ова е второ гласање за недоверба на Еврокомисијата за помалку од три месеци, откако во јули европратениците ја отфрлија сличната иницијатива на романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа со 360 гласа „против“, 175 „за“ и 177 „воздржани“.

Инаку, Фон дер Лајен не присуствуваше ни на денешните гласања по иницијативите за недоверба на нејзината Комисија, исто како и при изјаснувањето на европратениците по предлогот на Пипереа.