Skip to main content
Македонија

Случајот „Пулс“ кај судијката која го осуди Кежаровски и ги судеше Бучковски и Заев

04/10/2025  00:04

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје, денес постапувајќи по обвинението К-ООА бр.155/25, поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост.

Според распределбата преку АКМИС-системот, предметот ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска од Одделот за кривично полнолетни. Судот ја опишува како долгогодишен и искусен судија со 19 години судиски стаж во сите оддели на Кривичниот суд и претходен 17-годишен стаж како стручен соработник.

Груевска-Илиевска е позната по водењето на неколку значајни предмети, меѓу кои и случајот „Дурмо турс“, како и процесот за тенковските резервни делови во АРМ против поранешниот премиер Владо Бучковски. Таа накратко го водеше и предметот за поткуп против поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Името на судијката во јавноста стана особено познато по процесот против новинарот Томислав Кежаровски, кого во 2013 година го осуди на четири и пол години затвор. Овој случај предизвика жестоки реакции и критики од домашни и меѓународни новинарски здруженија, како и организации за заштита на слободата на изразување.

Во изјава дадена пред години во Академијата за судии, Груевска-Илиевска тврдеше дека судиите во Македонија не чувствуваат политички или бизнис притисоци, туку единствено „притисоци од новинарите“.

Со назначувањето на Груевска-Илиевска, процесот за трагедијата во Кочани – пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март, во кој загинаа и беа повредени повеќе лица – ќе се одвива под водство на судија чија работа и одлуки во минатото често предизвикувале големо внимание и полемики во јавноста.