Skip to main content
Магазин

Јапонското јаболко е здраво и благотворно, но треба да се внесува умерено и внимателно

19/11/2026  20:49

Портокаловите плодови на јапонското јаболко, деновиве ги полнат пазарите и полиците во продавниците. Покрај слаткиот вкус, се вели, тоа е богато со растителни влакна, витамини А и Ц, како и антиоксиданси, но постојат неколку правила за тоа како треба да се јаде.

Особено се издвојува витаминот А. Од АХА наведуваат дека еден плод обезбедува 55 отсто од препорачаниот дневен внос на овој витамин, како и повеќе од 20 отсто од дневната потреба за витамин Ц. Портокаловата боја потекнува од бета-каротенот – пигмент што телото го претвора во витамин А, важен за видот и имунитетот. Лекарите советуваат јапонското јаболко да се консумира во комбинација со малку здрави масти, како што се јаткастите плодови или маслиновото масло (на пример, во салата), бидејќи на тој начин каротеноидите подобро се апсорбираат.

Јапонското јаболко има малку калории, а многу растителни влакна, поради што подолго време создава чувство на ситост и може да помогне во одржувањето на телесната тежина. Според „Веб-МД“ (WebMD), растворливите растителни влакна во ова овошје го забавуваат варењето на јаглехидратите, со што се спречуваат нагли скокови на нивото на шеќер во крвта. Дополнително, витаминот Ц го зајакнува имунитетот и придонесува за здравјето на срцето.

На пазарот најчесто се среќаваат два вида јапонско јаболко. Сортите како „Фују“, на пр., не се адстрингентни (т.е. не предизвикуваат чувство на „собирање“ на устата), што значи дека можат да се јадат додека се сè уште цврсти – слично како јаболкото. Сортите како „Хачија“ содржат високи нивоа на танини и треба да се јадат дури откако целосно ќе омекнат; во спротивно, тие оставаат непријатно, стегачко чувство во устата.

Консумирајте умерено – особено кога станува збор за незрели плодови

Танините во јапонското јаболко имаат и негативна страна. Според прирачникот „МСД мануал“, прекумерното консумирање може да доведе до создавање безоари – стврднати маси од несварена храна во желудникот. Така, танинот наречен шибуол може да се стврдне во желудникот, при што може да се јави потреба овие маси да се отстранат преку ендоскопија или операција.

Сепак, ова е ретко и обично се јавува кај поединци кај кои празнењето на желудникот е забавено или кај луѓе што претходно имале операција на желудникот. Во еден документиран случај, 87-годишна жена доживеала опструкција на цревата предизвикана од голем, сушен плод, којшто го проголтала без претходно добро да го изџвака. За повеќето луѓе, доволно е да јадат зрели плодови, добро да ги џвакаат и да не претеруваат со количината.

Плодовите од ова овошје, може да се јадат свежи, да се додадат во салати, смути-сокови и печива, па дури и да се консумираат сушени.