Skip to main content
Скопје

Меџити: Мојата изборна програма ја става грижата за пензионерите како приоритет

03/10/2025  14:20

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од редовите на ВРЕДИ, Изет Меџити по денешната посета на Здружението на пензионери во Чаир истакна дека неговата изборна програма ја става грижата за пензионерите како приоритет.

– Денес се наоѓам во Здружението на пензионери во Чаир за да се сретнам со еден од најважните столбови на нашата заедница, генерацијата која со труд, жртва и љубов го изгради Чаир. Оваа посета има посебно значење за мене, бидејќи не сум тука само за да слушам, туку и за да сведочам дека нашите зборови се претвораат во реалност. Како што ветивме пред неколку недели, Здружението располага со дополнителен простор кој ќе им служи за дневни активности и поголема вклученост во општествениот живот во општината – рече тој.

Меџити нагласи дека ќе продолжат да инвестираат во просториите, услугите и благосостојбата на пензионерите затоа што, како што посочи, една добра општина се мери по тоа како ги третира своите највозрасни.

– Особено ме радува фактот што оваа година пензионерите добија конкретна поддршка од Владата, вклучувајќи и зголемување на пензиите. Од 1 октомври е реализирано последното зголемување, а со зголемувањето што следи во март ова претставува дополнителна поддршка од 7.000 денари, значаен чекор кон економска сигурност за нашите постарите сограѓани – изјави Меџити.