Skip to main content
Свет

Земјотрес од 6,9 степени ги погоди Филипини, најмалку 69 загинати меѓу кои и деца во спортска сала

01/10/2025  09:50

Најмалку 69 луѓе загинаа откако земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтерова скала го погоди централниот дел на Филипини. Епицентарот на плиткиот земјотрес бил во близина на градот Бого во покраината Себу, каде што болниците се преполни, изјавија од цивилната заштита. Еден функционер изјави дека има најмалку 150 повредени.

Претседателот на Филипини, Фердинанд Маркос, кажа дека државата брзо ќе реагира за да им помогне на настраданите.

Себу, една од најпопуларните туристички дестинации во Филипини, има околу 3,4 милиони жители. И покрај штетата, прометниот меѓународен аеродром „Мактан-Себу“ продолжил со работа.

Состојба на катастрофа е прогласена во Сан Ремигио, уште еден тешко погоден град. Заменик-градоначалникот Алфи Рејнес побарал помош во храна, вода и тешка механизација. Тој кажа дека меѓу загинатите се некои луѓе кои играле кошарка во локален спортски комплекс, кој се урнал во земјотресот. Под срушените згради уште имало луѓе, а спасувачите се во трка со времето за да ги извлечат.

Според досегашните информации, земјотресот се случи во вторникот, околу 22:00 часот по локално време, а најпогоден бил централниот дел на островот.

„Уште сме во ’златниот час‘ за барање и спасување. Има многу пријави за луѓе кои се заробени или удрени од урнатините“, изјавиле надлежните на прес-конференција.

Покрај срушените градби, земјотресот предизвикал и прекин на струја, а штетата уште се проценува

Биле оштетени домови, но и болници, па многу од повредените треба да се транспортираат во други институции за да им биде пружена соодветна нега.

Al Jazeera пренесува дека неколку деца загинале додека играле кошарка во спортска сала која се срушила, додека CNN сподели и застрашувачко видео од натпревар за убавина кој се одржувал во мигот кога настанал земјотресот.

Земјотреси и вулкански активности се вообичаени во Филипини. Последниот земјотрес со жртви се случи во 2023, кога загинаа осум луѓе.