
Со директен увид во студентскиот дом „Стив Наумов“, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ги отфрли обвинувањата на опозициската партија СДСМ за лоши услови за престој на студентите во овој дом.
-Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерие која рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во нејзино време беше со студентите. Во овие услови живееја студенти во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте прилика да влезете во домот и да видите – рече Јаневска.
Таа посочи дека домот е изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека за време на посетите на европски претставници бил високо оценет.
-Не само ние, туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерните домови на Балканот, а во споредба и со некои други земји пошироко – истакна министерката.

Во однос на забелешките за одредени технички недостатоци, Јаневска рече дека е можно да се појават поединечни проблеми, но нагласи дека објектот е под гаранција и сите евентуални дефекти ќе бидат отстранети.
-Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов и стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е баш како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, се што треба да поправи ќе поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покириви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте – изјави таа.
Министерката апелираше до семејствата на студентите да не ги вознемируваат политички партии и други злонамерници.
-Децата им живеат во убави услови кои досега ги немало во оваа земја и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме – рече Јаневска.

Таа најави дека набргу во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во кој, како што истакна, условите ќе бидат на исто ниво како во „Стив Наумов“.

