Skip to main content
Македонија

Филиповска Тодорчевска: На Скопје му недостига долгорочна визија за развој

30/10/2026  00:22

На Скопје му недостига долгорочна визија за развојот, а воведувањето градски архитект би имало смисла само доколку зад функцијата стојат силен стручен авторитет и соодветен тим, оцени архитектката Билјана Филиповска Тодорчевска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според неа, првиот чекор треба да биде поширока стручна расправа за иднината на главниот град и неговата улога во државата. Во професијата, како што посочи, постојат различни размислувања – од натамошно ширење на Скопје до преселување на дел од администрацијата, со цел да се растовари градот.

Филиповска Тодорчевска нагласи дека градскиот архитект треба да има компетентност и авторитет за соработка со градоначалниците, но и стручен тим што ќе ја поддржува неговата работа.

„Тоа треба да биде служба на градски архитект“, нагласи таа.

Предупреди дека функцијата би ја изгубила смислата доколку се сведе на покритие за плановите на локалните власти и инвеститорите.

Според Филиповска Тодорчевска, урбанистичкото планирање треба повторно да тргне од потребите на граѓаните за домување, образование, здравство и рекреација, наместо да биде водено од стремежот за изградба на што повеќе квадратни метри.