Skip to main content
Македонија

Жителите на Трубарево се жалат со отежнато дишење и стегање во градите по пожарот

26/09/2025  10:15

Министерството за здравство, во соработка со Клиниката за пулмологија, спроведе дводневен скрининг на населението во Трубарево, со цел навремено откривање на евентуални симптоми на респираторни заболувања по големиот пожар што ја потресе оваа скопска населба.

– Само во текот на вчерашниот ден беа прегледани над 100 лица на двата пункта во Трубарево, од кои осум беа упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контролни прегледи. Вкупно во два дена над 200 пациенти беа прегледани, а акцијата беше одлично прифатена од локалното население. Во следниот период продолжуваме да ја следиме состојбата во соработка со сите надлежни институции – изјави министерот за здравство Фатмир Алиу.

Според информациите од тимовите на Клиниката, кај дел од пациентите биле забележани симптоми како отежнато дишење, сува кашлица и стегање во градите, а кај други биле откриени и покачен крвен притисок.

Д-р Сеад Зејнел од Клиниката за пулмологија објасни дека најголем дел од упатените пациенти веќе имале хронични заболувања, кои се влошиле поради загадувањето.

– Станува збор за пациенти со астма или ХОББ, дел од нив се пушачи и не ги земале редовно претходно пропишаните лекови. Токму затоа ги упативме на Клиниката за да се направи ревизија на терапијата и дополнителни испитувања – нагласи д-р Зејнел. Тој додаде дека кај голем број жители се јавиле симптоми како печење на носот, очите и грлото, како и помалку стегање во градите, кои, според него, најчесто се надминуваат со општи препораки.

Скринингот се спроведе на два пункта во населбата, каде тимовите вршеа клинички прегледи, мерење на пулс, сатурација и процена на виталниот капацитет. Министерството за здравство апелира сите службени лица – пожарникари, полицајци и припадници на ДСЗ – кои учествуваа во гаснењето на пожарот, доколку имаат здравствени проблеми, директно да се обратат на Клиниката.

Жителите на Трубарево велат дека и по неколку дена воздухот е неподнослив.

– Миризбата е ужасна, не може да се дише навечер, а најмногу страдаат децата. Секојдневно сме во страв за здравјето – изјави жителка на Трубарево.

Еден постар жител додаде: „Јас цел живот сум живеел овде, ама вакво нешто не паметам. Сите се жалиме на печење во очите и грлото, ама кој ќе не заштити ако пак се случи пожар?“