
Револтирани граѓани утрово ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“ изразувајќи незадоволство од власта која, како што велат, не ги слуша нивните барања за конечно решавање на проблемот со старата депонија Вардариште.
На мирниот собир присуствуваше и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, кој се најде на удар на насобраните граѓани. Тие го критикуваа дека ова е негово прво појавување на нивен протест и дека властите со години го игнорираат проблемот со депонијата која го труе целиот град.
„Преку глава ни е веќе, сакаме резултат веднаш“, рече една жена, нагласувајќи дека доаѓа како засегната граѓанка, а не како политички определена. Друг скопјанец му порача на Митески: „Со багери и камиони одма може да се исчисти, јавете му се на Мицкоски. Еве и јас ќе го исчистам. Ако сакате тоа можете веднаш да го направите.“
Насобраните граѓани се револтираа и поради изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека по изборите градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го исчистат градот за 72 часа. Граѓаните бараат тоа да се направи веднаш, без чекање на изборите.
Митески се обиде да ја префрли вината врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, но граѓаните го прашаа зошто сите градоначалници не се соберат заедно за да издејствуваат решение. Дел од присутните побараа од него јавно извинување за претходните изјави со кои ги обвинил дека се партиски определени, но тој рече дека бил погрешно разбран.
„Овој искрен граѓански протест го поддржувам и сметам дека со право протестирате зошто и мене ми пречи тоа што на вас ви пречи“, рече Митески, додавајќи дека не сака протестот да биде злоупотребен за политички цели.
Од Иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат институциите да започнат процес за конечно затворање на депонијата и да се санкционираат сите кои предизвикуваат загадување со потпалување пожари. Исто така, тие бараат ригорозни мерки против сите кои продолжат да фрлаат отпад во Вардариште.
Барањата се доставени до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Владата, Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјални политики, Град Скопје, како и општините Гази Баба и Аеродром. До овој момент, институциите не дале одговор.