Skip to main content
Македонија

Утре почнува увидот за пожарот во Трубарево – Обвинителството најави истрага за причините на пожарот

16/09/2025  14:08

Увидот на лице место за причините за големиот пожар во Трубарево ќе започне утре, информираа од Основното јавно обвинителство Скопје. Постапката ќе ја координира јавен обвинител, кој ќе раководи со увидните екипи на терен.

По негова наредба, денеска на терен излегоа екипи на СВР Скопје со цел да преземат дејствија и да приберат докази неопходни за истрагата што се води за загрозување на животната средина со отпад.

„Во континуитет се преземаат повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација поврзана со случајот,“ велат од Обвинителството.

До Основниот кривичен суд Скопје веќе е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за дополнителни 48 часа за сите четворица лица кои се опфатени со постапката до овој момент.

Пожарот се случи во саботата околу пладне. Гореа просториите на погон за постапување со електронски и опасен отпад на фирмата „Ф-Групација“, а црниот чад со часови труеше делови од главниот град.