
Агенцијата за филм информира дека е дел од интернационалниот проект „Моето име е Ајламаз“, нова серија во продукција на NS Продукција за дигиталната платформа Tabii на TRT, под режија на познатиот турски режисер Мустафа Котан, чие снимање се реализира во Истанбул, Скопје и селото Башибос во Валандово, што, како што велат, симболично ја зацврстува културната и продукциската соработка меѓу Македонија и Турција.
Во актерската екипа настапуваат Јамур Танрисевсинлер, Сузан Кардеш, Филиз Ахмет и Игор Рангелов, чија интернационална комбинација дополнително ја збогатува серијата и го потврдува духот на копродукцијата.
-На покана на продукцијата, на сетот во Истанбул присуствуваше советникот на директорот на Агенцијата за филм, Стефан Ѓиноски, чија посета претставуваше значајна промоција на потенцијалите и условите кои Северна Македонија ги нуди за снимање странски продукции. Со ова присуство, уште еднаш се потврдува заложбата на Агенцијата за филм да ја позиционира земјата како атрактивна и конкурентна филмска дестинација во регионот, отворена за интернационални копродукции и партнерства, се наведува во соопштението од Агенција за филм.
Агенцијата за филм, информира дека ќе продолжи активно ја гради и промовира Република Македонија како атрактивна и стратешка дестинација за меѓународни филмски продукции, отворајќи нови можности за креативна и економска соработка. (МИА)