Skip to main content
Свет

ОН го повикува Израел да се откаже од планот за воспоставување воена контрола врз Појасот Газа

08/08/2025  15:46

Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк денеска го повика Израел веднаш да се откаже од својот план за воспоставување целосна воена контрола врз Појасот Газа.

Планот, кој беше одобрен од израелскиот воен кабинет синоќа, „е против одлуката на Меѓународниот суд на правдата, според која, Израел мора што поскоро да ја прекине окупацијата, да го спроведе решението за две држави и правото на Палестинците на самоопределување“, се наведува во изјавата на Турк.

„Сè укажува дека новата ескалација ќе доведе до уште поголемо раселување на луѓето, до повеќе убиства, до повеќе неподносливи страдања, до непотребно уништување и ужасни злосторства“, рече високиот комесар, кој често е обвинет од израелските власти дека е сочувствителен кон Палестинците.

Турк ја повика израелската влада да обезбеди непречен пристап до хуманитарна помош за Газа, а не да ја ескалира војната. Заложниците што ги држи палестинската исламистичка група Хамас „мора да бидат ослободени веднаш и безусловно“, рече Турк.