
Мисијата на НАСА на Месечината – „ИМ-2“ официјално заврши на 31 јули, но не ја постигна својата цел. Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација соопшти дека нејзиниот тим го изгубил контактот со сателитот кусо по лансирањето пред неколку месеци.
Сателитот „Лунар трејлблејзер“ (Lunar Trailblazer) на НАСА беше дел од мисијата „ИМ-2“ на воздухопловно-вселенската компанија „Интјуитив машинс“ (Intuitive Machines). Тој беше лансиран со ракета „Спејс-Икс Фалкон 9“ (SpaceX Falcon 9) од вселенскиот центар „Кенеди“ на 26 февруари. „Месечевиот насочувач“ (‘Лунар трејлблејзер’) успешно се одвоил од ракетата, како што било планирано, а операторите во Пасадена, Калифорнија, САД, воспоставиле комуникација со него. Сепак, двонасочната комуникација потоа е изгубена и не можела повторно да се воспостави. Ограничените податоци наведуваат дека сончевите панели на сателитот не биле правилно порамнети, што предизвикало празнење на неговите батерии.
– Иако ова не е исходот на којшто се надевавме, лекциите научени од мисиите како „Лунар трејлблејзер“ ни помагаат да ги проучиме и да го намалиме ризикот за идните, прифатливи мали сателити дизајнирани за научни иновации додека се подготвуваме за одржливо човечко присуство на Месечината. Благодарност до тимот на „Лунар трејлблејзер“ за нивната посветеност на работата и учењето од оваа мисија до нејзиното завршување, рече Ники Фокс, помошник-администратор на Дирекцијата за научни мисии во седиштето на НАСА.
Мисијата „Лунар трејлблејзер“ беше еден од неколкуте комерцијални вселенски летови планирани за Месечината оваа година. Целта беше да се создаде мапа со висока резолуција на која било водена површина на Месечината, како и проценка за тоа колку вода, всушност, има на нашиот природен сателит, во каков облик и да се согледаат нејзините промени со текот на времето.