Skip to main content
Македонија

ЦУК: Дваесет пожари на отворено, десет активни, пет под контрола и пет изгаснати

28/07/2025  19:49

Денеска, до 18 часот, евидентирани се вкупно 20 пожари на отворено. Центарот за управување со кризи (ЦУК) извести дека од нив, десет се сеуште активни, пет се делумно локализирани, а пет се целосно ликвидирани.

Активни се пожарите во следните општини: Василево, Радовиш и Берово (село Нивичино – планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација). Исто така, активен е пожарот во Општина Прилеп (село Бешиште – местото Бешишки Рид, крак кон село Градешница во Општина Новаци и крак кон границата со Република Грција, каде гори мешана шума, но не се интервенира поради детонации).

Пожар има и во општините Прилеп и Кавадарци, помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен (Прилеп) и селото Галиште, Трстеник (Кавадарци), каде што гори мешана шума и ниска вегетација. Потоа, во Општина Македонски Брод (село Црешево, Локвица, Крапа, каде гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација), Општина Желино (помеѓу селата Церово и Групчин, каде гори нискостеблеста и деградирана шума), Општина Крива Паланка (село Нерав, каде гори висока борова шума), Општина Македонска Каменица (село Ќосевица, каде гори борова шума), Општина Илинден (помеѓу Мршевци и Бучинци, каде гори стрниште), Општина Чашка (село Ореше, каде гори ниска вегетација и букова шума) и Општина Ресен (село Долно Перово, каде горат елови дрва, врби, трска и сува трева).

Пожарите во општините Старо Нагоричане и Куманово (во селата Облавце, Бељаковце, Довезенце, Руѓинце, кој се шири кон село Димонце и село Коњух во Општина Кратово, каде гори ниска вегетација и се загрозени куќи и објекти), Македонски Брод (село Грешница, каде гори мешана шума и сува трева), Штип (помеѓу селата Драгоево и Селце, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева), Карбинци (село Јунузлија, каде гори шума) и Кичево (село Горно Црско, каде гори ниска вегетација и ниска шума) се ставени под контрола.

Како изгаснати се регистрирани пожарите во Општина Охрид (село Горно Лакочереј, каде гореше нива со жито и овоштарник), Општина Битола (улицата „Игњат Атанасовски“, каде гореше ниска вегетација), Општина Василево (село Моноспитово, каде гореше депонија), Општина Куманово (село Умин Дол, каде гореше ниска вегетација) и Општина Петровец (Катланово – село Чифлик, каде гореше ниска вегетација, грмушки и дабова шума).