
Трагедијата во дискотеката во Кочани од 16 март продолжува да предизвикува тензии меѓу семејствата на жртвите. Наместо да ги обедини во борбата за правда, случајот предизвика политизација и поделби меѓу родителите.
Една од мајките чие дете загина во пожарот се обрати со остри зборови кон оние родители кои, според неа, го продале споменот на своите деца за “ситни пари и подобра работна функција”.
“Трагедија која наместо да не сплоти и обедини сите за во иднина да не се повтори никогаш, таа ни донесе уште дополнителни удари од општествената структура во која живееме, политизација, апатија и презир од одредени поединци”, изјави мајката.
Таа ја поврза трагедијата во Кочани со годишнината на катастрофалниот земјотрес во Скопје, нагласувајќи дека пожарот претставува една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.
“Таа ноќ ќе го следи Кочани засекогаш”, рече мајката, алудирајќи на долготрајните последици од случувањето на 16 март 2025 година.
Друга мајка постави прашања во врска со тековната судска постапка, барајќи информации за напредокот на случајот кај Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОРК).
Таа изрази сомнежи дека обвинителството “само се развлекува” наместо сериозно да ги гони одговорните за трагедијата.
Случајот продолжува да предизвикува емоции во јавноста, додека семејствата на жртвите бараат правда и одговорност од надлежните институции.