
Седницата за прашања од опозициски пратеници, на која прва прашање требаше да постави Јованка Тренчевска од СДСМ, попладнево почна со барање за еден час пауза од Елми Азири од Алијанса за Албанците.

Тој и неговите сопартијци од АА и пратениците од опозицискиот Европски фронт застанаа на собраниската говорница незадоволни од тоа што не бил прифатен предлогот на Халил Снопче за повторно гласање за точката интерпелација на претседателот на Уставниот суд, која беше тргната од дневниот ред на 59-тата седница.
Пратеникот Азири побара еден час пауза. Рече дека седницата се водела хаотично и се правело театар во Собранието од тие што „не и сакаат добро на демократијата и сакаат да ги заштитат носителите на институциите и на највисокиот законодавен дом“.
– Хаотично водење на седницата зашто не беа дизајнирани добро методите да се блокира слободниот збор и затоа ние, Европски фронт и Алијанса за Албанците двете крила, направивме се што е можно според Деловникот да се заштити добриот збор и во знак на протест на непочитување на предлогот на пратеникот Халил Снопче да се врати точката на дневен ред барам еден час пауза, рече Азири.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска даде пауза до 17.20 часот и соопшти дека Собранието денеска ќе работи до 18.20.

Собранието попладнево го усвои дневниот ред од 59. седница од кој претходно беше тргната точката за интерпелација на претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски. Точката беше симната на предлог на пратеникот Бобан Карапејовски од ЗНАМ, со образложение дека „не сакаат да учествуваат во правно насилство врз Уставот“. На тоа со процедурални забелешки реагираа пратеници од опозицискиот Европски фронт кои бараа точката повторно да се врати.
Пред гласањето на дневниот ред, коордиинаторот на Европски фронт, Блерим Беџети, рече дека нема да дозволат да се дискутира и дека „ќе ја блокираат говорницата“ за другите точки од дневниот ред ако не биде ставен предлогот на пратеникот Снопче на гласање. Членовите на Европски фронт застанаа на говорницата, а Бендевска повика да се гласа дневниот ред и тој беше изгласан.
На седницата за прашања од опозицијата пријавени се седум пратеници.