Skip to main content
Македонија

Македонски државјанин инволвирана во случај за тероризам во Швајцарија

08/07/2025  23:47

Косовец на 36-годишна возраст и 33-годишен двоен државјанин на Швајцарија и Македонија се осомничени за учество во организирана терористичка група, регрутирање и финансирање на џихадистички активности на швајцарска територија. Како што информира Канцеларијата на јавниот обвинител на Швајцарија, двајцата мажи наводно делувале во изминатата деценија, претежно во регионот на Женева, во рамки на швајцарското крило на т.н. „косовска терористичка организација“.

Двајцата беа уапсени во септември 2022 година во рамки на поширока истрага поврзана со нивната наводна поддршка на Исламска држава. Обвинителството тврди дека организирале активности со цел ширење на салафистичко-џихадистичка идеологија, собирање финансиски средства и индоктринирање со цел дестабилизација на Косово и воспоставување шеријатско владеење на одредени територии.

Покрај обвинението за тероризам, против нив се поднесени и обвиненија за поткуп на државни службеници, перење пари и незаконско добивање социјални придобивки во Швајцарија.

Случајот е предаден на Федералниот кривичен суд. Според швајцарското законодавство, осомничените се сметаат за невини сè додека не биде донесена правосилна судска пресуда.

Иако Швајцарија се смета за неутрална држава која во голема мера останала по страна од глобалниот екстремизам, овој случај фрла светло врз потенцијалните безбедносни предизвици и активности на радикализирани поединци на нејзина територија.

Косово ја прогласи независноста во 2008 година, но сè уште не е признаено од Србија, Русија и Кина, иако најголемиот дел од западните земји ја поддржаа неговата сувереност.