Skip to main content
Македонија

Левица: Режимската Влада склучи тендер од 26,4 милиони евра за софтвер за следење и контрола на јавниот глас

03/07/2025  11:37

Соопштение за јавност на Левица:

Првиот обид пропадна, но хистеричната Влада на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ не се откажа од намерата да ги контролира и оценува медиумите, па Службата за општи и заеднички работи на Владата распиша нов повик, овој пат успешен, за изработка на софтвер за оцена и контрола на медиумското влијание вреден 26.415.480 денари!

Ова е алармантен чекор со кој режимот си обезбедува дигитален механизам за масовно мониторирање и профилирање на секој новинар, медиум, портал и граѓанин кој јавно зборува, систем кој ги класифицира објавите како „позитивни”, „негативни” или „неутрални”, водејќи евиденција за тоа кој е добар послушник, а кој критички настроен.

Оваа набавка претставува институционализирање на политичкото мерење на јавното мислење со јасна цел – да се зацврсти контролата врз медиумите и радикално да се намали просторот за слободна критика и јавна дебата. Софтверот ќе ги следи и контролира телевизиите, печатените изданија, интернет-порталите, како и објавите на социјалните мрежи – Фејсбук, Твитер (Х), Инстаграм, Јутјуб, ТикТок, Линкедин и други платформи каде што се формира јавното мислење. Ова значи дека секој јавен говор, било да е во форма на ТВ прилог, напис или објава на социјалните мрежи, ќе биде предмет на континуирана анализа и етикетирање. Владата ќе располага со податоци во реално време за тоа кој новинар, медиум, па и граѓанин „премногу” критикува, со што директно се отвора простор за таргетирање, селекција и притисоци врз сите кои не се вклопуваат во владиниот пиар-наратив.

Дополнително, ова претставува дрзок пример за расипничко трошење на народните пари, а потсетуваме дека не е ниту прв пат оваа Влада јасно да манифестира и скапо да ја наплати паниката и стравот за позицијата.  Имено, потсетуваме дека Владата предводена од ДПМНЕ годинава, кога цела Македонија жалеше – склучи тендер тежок речиси 23 милиони денари за „истражување на јавното мислење”, а пред месец дена и уште еден за „промоција на проектите на Владата” вреден над 23,6 милиони денари.

Овој последен тендер за софтвер кој ќе ја „оценува” работата на медиумите е директна закана за слободата на изразување и медиумската независност. Наместо да обезбеди услови за професионално новинарство, Владата инвестира во систем за цензура, за јавен прогон на неистомисленици и за уцени врз медиуми. Во едно демократско општество, ваквата алатка не треба да постои во рацете на власта, а уште помалку да се плаќа со пари на граѓаните.

За Левица е крајно загрижувачка оваа арогантност и ненаситност на Мицкоски. Кога во изборна година приредуваат расипничко и режимско владеење, што да го очекува народот после изборите?