
Десетици илјади студенти и граѓани се собраа попладнево во центарот на Белград на масовен протест со барање за предвремени избори. Протестот, кој започна мирно, кулминираше со инциденти и судири со полицијата по неговото официјално завршување во 21 часот.

Според дописникот на МИА од Белград, ситуацијата стана тензична кога голема група демонстранти, главно млади лица, почнаа да фрлаат камења, петарди и шишиња кон припадниците на полицијата, по што полицијата одговори со употреба на солзавец.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, ги осуди нападите врз полицијата и најави ригорозни мерки.
– Остро ги осудувам бруталните напади од страна на учесниците на непријавениот митинг врз припадниците на полицијата. Таа ќе ги искористи сите овластувања за да го воспостави јавниот ред и ќе ги уапси сите кои ја нападнаа полицијата – изјави Дачиќ.
Интервенцијата на жандармеријата започна нешто пред 22 часот, откако група демонстранти продолжија да фрлаат факели и петарди по официјалното завршување на протестот на плоштадот Славија.
Настаните во Белград предизвикаа загриженост за понатамошната ескалација на тензиите, додека јавноста внимателно го следи развојот на ситуацијата.