Skip to main content
Македонија

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

08/11/2024  13:28

ДКСК на денешната 10. седница донесе одлука да поднесе иницијатива до Судскиот совет и Здружението на судии за поведување на дисциплинска постапка против член на Судскиот совет за „судир на интереси“ и „пристрасност при вршењето на функцијата“ јавувајќи се во улога на иницијатор за поведување на постапка за утврдување одговорност на судии во Врховен суд кои постапувале во предмет, каде учествувало негово блиско лице, сестра.

Членот на Судски совет постапил спротивно на членовите 73 и 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со што сторил прекршок, казнив по член 107 за што ДКСК ќе поведе постапка за издавање прекршочен налог.

По предметот реферираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, која рече дека станува збор за претставка против член на Судски совет од познат подносител, во која се наведува дека пријавениот се наоѓа во состојба на судир на интереси и при вршењето на функцијата член на Судски совет покажува пристрасност раководејќи се од приватен интерес.

– Во претставката се наведува дека член на Судскиот совет поднел барање до Судскиот совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судии на Врховен суд, кои воедно биле и членови на Судечкиот совет кој одлучувал по вонреден правен лек, ревизија по предмет РЕФ1 бр. 158/2019. Во претставката се наведува дека во предметот заведен пред Врховниот суд кој е основ за поведување на оваа постапка и по која е оформен предметот за ревизија, тужителот поднел одговор на ревизијата преку полномошник, односно адвокатско друштво во кое сестра на член на Судски совет обавува адвокатска дејност, кој член на Судски совет воедно е и подносител на барањето, изјави Ристовска.

За утврдување на фактичката состојба, ДКСК се обратила до подносителот на пријавата со барање за допрецизирање на пријавата, односно да го посочи името и презимето на блиското лице – сестра на член на Судски совет, која обавува дејност во адвокатското друштво. По допрецизирањето, ДКСК прибавила документација од Централен регистар и од Судскиот совет.

По разгледување на целокупната доставена документација ДКСК ја констатира следната состојба:

– Видно од барањето за поведување постапка за утврдување одговорност на судија е дека ваквото барање поднесено од член на Судски совет против судии на Врховен суд, поради тоа што подносителот, односно членот на Судски совет, смета дека истите постапувајќи во предметот РЕФ1 бр. 158/2019 при донесување на пресудата постапиле нестручно и несовесно при вршењето на својата судска функција. Од наведеното јасно произлегува дека членот на Судскиот совет поднел барање за постапување во предмет во кој предмет има блиско лице, изјави Ристовска.

Законските обврски на сите службени лица, меѓу кои се и судиите и членовите на Судски совет, нагласи Ристовска, ги обврзува во вршењето на функција, јавно овластување или службена должност да постапуваат совесно, стручно и одговорно, да ги почитуваат етичките норми, како и дека е должно да внимава на евентуален судир на интереси и е должно да го пријави постоењето на приватен интерес и да се изземе пред расправа и одлучување.

– Со оглед дека блиско лице, сестра на член на Судски совет била полномошник од редот на адвокатите на странката која ја изгубила постапката пред Врховниот суд, не само што членот на Судскиот совет не смеел да постапува, туку до толку повеќе ниту да се јави во улога на иницијатор за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судии во Врховен суд кои постапувале во тој предмет, каде учествувало негово блиско лице, кое имало или може да има приватен интерес, нагласи Ристовска.

ДКСК, исто така, констатира дека гледано пошироко потенцијалните последици од игнорирање на судир на интерес на членовите на Судски совет, кои всушност вршат надзор и контрола на работењето на секој судија во државата создаваат можност од влијание и вршење притисок врз судиите кои постапуваат во постапките, каде што членовите на Судскиот совет имаат блиски лица, со што на директен начин се влијае на самостојноста и независноста на судската власт, која самостојност и независност треба да ја гарантира Судскиот совет.

Со наведените дејствија, членот на Судски совет постапил спротивно на членовите 73 и 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со што сторил прекршок, казнив по член 107 за што ДКСК ќе поведе постапка за издавање прекршочен налог.

Воедно членот на Судски совет постапил спротивно и на член 33, став 4 од Законот за Судски совет, кој е основ за поведување на дисциплинска одговорност на членот на Судскиот совет заради што ДКСК до Судски совет и до Здружението на судии ќе поднесе иницијатива за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на членот на Судскиот совет.

Судскиот совет и Здружението на судии се должни по поднесената иницијатива за покренување дисциплинска постапка на член на Судски совет да донесе одлука најдоцна во рок од 60 дена од денот на доставување на иницијативата, како и обврска во рок од 60 дена да ја извести ДКСК за своето постапување.