
Групацијата „Нафтогас“ ќе добие 1,37 милијарди долари по арбитражниот спор против рускиот „Гаспром“, објави шефот на украинската државна гасна компанија, Сергеј Коретски.

Арбитражниот суд, составен од членови од Шведска, Швајцарија и Израел, целосно се согласи со „Нафтогас“ во својата конечна одлука, објави „Киев пост“.
-Ова е важна победа. Следниот чекор е да се обезбеди спроведување на пресудата и на тоа ќе се фокусираме. Чекор по чекор“, напиша директорот на „Нафтогас“ на Фејсбук.
„Нафтогас“ беше застапуван во арбитражата од норвешката меѓународна адвокатска фирма „Викборг Реин“.
Украинската компанија сега ќе поднесе барање до „Гаспром“ за исплата на целиот износ, во согласност со конечната судска одлука донесена во Цирих на 20 јуни, се вели во соопштението на „Нафтогас“.
Износот го вклучува главниот долг за услугите за транзит на гас обезбедени според договорот од 2019 година, казни за неплаќање и целосна надокнада на судските трошоци на „Нафтогас“.
Доколку „Гаспром“ одбие да плати, „Нафтогас“ ќе се обиде да ги врати средствата со запленување на средствата на руската компанија, се додава во соопштението.