
Марко Колев го остави Велес без еколошка заштита додека Езерото Младост умира, од политичката партија Левица.
– Општина Велес веќе четири години е без локален инспектор за животна средина, позиција со најголеми овластувања за контрола, спречување и санкционирање на загадувањето. Иако оваа функција е клучна за заштита на здравјето на граѓаните и животната средина, градоначалникот Марко Колев, со поддршка од ДПМНЕ, свесно не распишува јавен оглас за нејзино пополнување.
Како резултат на тоа, во Велес владее целосна институционална блокада. Контролниот механизам е во прекин, а институциите не постапуваат ниту превентивно, ниту санкционирачки. Оваа состојба не е последица на пропуст, туку на одлука што директно ја загрозува еколошката и јавно-здравствената безбедност на граѓаните.
Во текот на мандатот на градоначалникот Марко Колев, Велес се соочи со сериозен еколошки колапс. Езерото Младост е во критична состојба и практично уништено, системот за пречистување отпадни води е целосно девастиран, а реката Тополка е загадена, со појава на масовен помор на риби. Во вечерните часови, градот е обвиен со неподнослива смрдеа, додека надлежните органи остануваат неми, а властите се занимаваат со организирање партиски прослави. Во изминатите четири години, не е забележана ниту една сериозна институционална акција или реакција.
Ситуацијата е сведена на апсурдно и цинично избегнување одговорност. Градоначалникот Колев, без ни најмала свест за сериозноста на проблемот, изјави дека „никој не дошол да побара да биде инспектор“ – како да станува збор за приватна иницијатива, а не за законска обврска на општината да распише јавен оглас. Ваквата изјава не е само показател за длабоко неразбирање на јавната функција, туку и врв на ароганцијата. Таа недвосмислено открива дека нефункционалноста на системот не е случајна, туку намерно одржувана со цел да не се нарушат интересите на поединци и групи кои профитираат од еколошката неказнивост.
Денес, Велес не е само жртва на загадување. Тој е жртва на системско политичко убиство на институциите. Општината не постои како сервис за граѓаните, туку како заштитна маска за приватни и партиски интереси. Градот е затруен не само физички, туку и морално и институционално. И токму затоа, Марко Колев и ДПМНЕ сносат директна одговорност за секој изумрен екосистем, за секоја непреземена акција, за секој затруен здив што го вдишуваат велешани, велат од Левица во соопштение.