Skip to main content
Свет

Првпат во историјата жена ќе раководи со Британската разузнавачка служба МИ6

16/06/2025  12:29

Британската разузнавачка служба МИ6 ќе биде раководена од жена за прв пат во 116-годишната историја, откако на нејзино чело е поставена Блејз Метревели.

Метревели, која се приклучи на Тајната разузнавачка служба во 1999 година, ќе биде 18-тиот шеф на МИ6 и ќе ја преземе функцијата од сер Ричард Мур подоцна оваа година, пренесе Би-Би-Си. 

Таа моментално е задолжена за секторот за технологија и иновации на службата и рече дека е „горда и почестена“ што ѝ е понудена новата функција.

Британскиот премиер Кир Стармер го нарече историско нејзиното назначување.

МИ6 е задолжена за собирање разузнавачки информации во странство за зајакнување на британската безбедност, а главната цел на службата е да го запре тероризмот, да ги спречи активностите на непријателските држави, како и да ја подобри кибер безбедноста, наведува Би-Би-Си. 

Метревели, 47, моментално е раководител на одделот за технологија и иновации, чија цел е да ги чува идентитетите на тајните агенти во тајност и да осмисли нови начини за спречување на противници како што е Кина да вршат биометриски надзор и следење. 

„МИ6 има витална улога, заедно со МИ5 и штабот за владини комуникации, во одржувањето на безбедноста на британската јавност и промовирањето на британските интереси во странство“, рече таа.

Метревели, која студирала антропологија на Кембриџ, претходно имаше директорска функција во МИ5, домашната разузнавачка агенција, и поголемиот дел од својата кариера го поминала работејќи на Блискиот Исток и Европа.