Skip to main content
Македонија

Филков: Законот за судски совет очекувам да се најде во собраниска процедура до крајот на овој месец

13/06/2025  14:43

Министерството за правда денеска во текот на денот има онлајн состанок со Венецијанската комисија за Законот за судски совет кој им е доставен на мислење, информира министерот за правда Игор Филков, нагласувајќи дека очекува овој закон да се најде во собраниска процедура до крајот на овој месец.

Министерот за правда Игор Филков, на денешниот брифинг со медиумите за законите од Реформската агенда, појасни дека мислењата од Венецијанската комисија ќе бидат детално разгледани и земени во предвид, иако не се од обврзувачки карактер.

Клучните новини на ова законско решение, како што беше посочено, се засноваат на насоките од Оценската мисија и тоа се уредува постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, се прецизираат условите кои треба да ги исполнат кандидатите за членови, особено на поимот „истакнат правник“, а прави и зајакнување на јавноста и транспарентноста на постапката за избор на не судските членови, како и зајакнување на легитимитетот на процесот на изборот на членови од редот на судиите.

Министерството за правда од ноември минатата година организираше повеќе стручни дебати за Нацрт измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет за консултирање на стручната јавност.

Заклучоците и препораките од овие дебати потоа се основа за понатамошно подобрување на текстот и финалноо решение на измените и дополнувањата на Законот за Судски совет.