Skip to main content
Спорт

ПРЕДИЗВИЦИТЕ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО СПОРТОТ

06/06/2025  20:37

Факт е дека спортот претставува општествена категорија која има за цел да произведува игра, забава, радости, итн. но од друга страна, денешниот спорт се повеќе станува вoдечка бизнис сила во светот на економијата. Но, анализирајќи ја внимателно оваа тема, секогаш ќе има простор за одредени дилеми кои може да ги имаат државите или деловните компании кои се потенцијални инвеститори во спортот.

Инвестициите во спортот може да се структуираат во две насоки. Едната насока се државните (јавни) инвестиции кои го имаат во преден план јавниот (општествениот) интерес за вложувањата во спортот, а втората се приватните инвестиции за подршка на спортот кои во преден план ја имаат профитабилноста и градењето имиџ на компанијата.

Посебни карактеристики на спортскиот бизнис и на инвестициите во спортот
Традиционално, спортот се дели на два сосема различни субјекти на инвестици и спонзорства, едните се комерцијалните (деловни) компании, а другите се непрофитните (граѓански) организации, како што се спортските клубови, спортските федерации и здруженија. Спортските бизниси и спортските компании понекогаш се разликуваат од традиционалните бизниси поради нивните непрофитни корени. Сепак, некои спортски компании имаат голема разлика во делување во однос на другиот бизнис сектор, како што се, на пример, спортската технологија, спортска градба или бизнисите за спортско образование. Теоретски гледано, инвестиција претставува вложување производни фактори во очекување на некоја корист во иднина – на пример, инвестиција во трајно добро, во недвижен имот од услужната индустрија, во фабрика, инвестиција во истражување и развој. Многумина се скептични дека спортот како општо добро е можност за добра инвестиција, но спортот има повеќе можности за бенефит на инвеститорот преку создавање на спортски успех.

Прашање кое често се поставува во одредени спортски кругови или меѓу потенцијалните инвеститори, а се однесува на луѓето кои размислуваат за кариера во спортот и во спортската индустрија е: „Што е всушност спортски бизнис?“

Терминот спортски бизнис се однесува на секоја улога надвор од теренот, поврзана со управување или олеснување на спортот, која вклучува голем број позиции специфични за спортската индустрија, како спонзорство, радиодифузија и управување со спортисти.

Важна улога во делот на спортскиот бизнис има и спортското претприемништво кое станува значаен образовен профил кој се подетално се истражува во изминатата деценија. Од аспект на можен инвеститор (јавни или приватни вложувања) секогаш ќе постои дилема: дали и зошто треба да се инвестира во спортот и дали за инвеститорот (јавниот или приватниот сектор) би можело тоа да им биде исплатлива таа инвестиција.

За жал конкретен одоговор нема, се е ризик кој мора да се преземе, без оглед дали се работи за јавни или приватни финансиери. Но, сепак, гледано од теоретски аспект, постојат неколку примери на спортски сегменти кои можат да привлечат спортски инвестиции и притоа да може да бидат и профиртабилни: инвестиции во спортска инфраструктура, (стадиони, спортски сали, спортски терени, игралишата за голф…), инвестиции во спортски клубови или спортски натпреварувања, (индивидуални или колективни спортови), инвестиции во спортски организации (федерација, асоцијација или сојуз).

Инвестиции во спортска инфраструктура, каде под инвестиции во спортска инфрастурктура пред се, се мисли на изградба на современи спортски центри, во зависност од целите на инвеститорот. Сепак, примарна цел за изградба на соодветен, современ спортски центар би требало да биде професионална база за тренинзи или тренинг-камп преку кои ќе се создаваат идни врвни спортисти кои ќе имаат за цел да произведуваат спортски резултати, но и да бидат профитабилни во своето спортско делување. Во секој случај, спортските центри, без оглед дали се изградени од јавни или приватни донатори, треба да содржат повеќе инфраструктурни елементи кои пред се ќе имаат спортска (резултатска), но и профитабилна (бизнис) основа.
Мотивите на потенцијалните инвеститори би можеле да се движат во две поврзани насоки: профитабилност која треба да донесе за поврат на инвестицијата и постигнување на врвни спортски резултати (спортски успех).

Накратко, што може да содржи еден модерен спортски центар: идеални терени (тревни или од друг вид на материјал) за постигнување на спортски успех, централна зграда, сала за состаноци и безбедносна просторија (од каде се контролира спортски настан и самата публика се со цел да нема несакани последици кои се случуваат во спротот), кои ќе бидат во насока на поддршка на административниот дел од спортскиот колектив, спа и фитнес центар, сала за забава и рекреација на млади, ресторан/и кафетерии, сала за конференции и настани, шопинг центар (простор за клубски сувенири) кои се насочени исклучиво кон профитабилниот дел од инфраструктурата. Како и медицински оддел за физикална, кинези и хидротерапија, апартмани за спортистите и стручен тим, компјутерски центар за анализа, сопствена кујна, како комбинација на спортски успех и профитабилност на спортскиот бизнис план.

Инветирање во спортист/и, како пример за инвестиција во спортист би го издвоил светот на фудбалот, и една од најисплатливите инвестиции во еден фудбалер – Лионел Меси, и неговиот трансфер од фудбалскиот клуб „Барселона“ во Шпанија, во фудбалскиот клуб „Пари Сен Жермен“ во Франција. Оваа инвестиција на спортски план, или поточно – резултатски, не беше во редот на исплатливи инвестиции, затоа што не е постигната целта на инвеститорот, освојување на Лигата на шампиони. Но сепак, со вложување на финансиски средства во фудбалерот Лионел Меси, иако инвеститорот во првата година не ги добива потребните спортски резултати, фудбалерот му помогнал на инвеститорот надвор од спортските терени, каде со помош на комерцијални зделки, ПСЖ на име на Меси има заработено приближно 700 милиони евра, особено преку продавање на неговите дресови. И последниот пример таканаречен Роналдо ефект, каде државата Саудиска Арабија инвестира во него големи државни финасии да тој биде дел од фудбалски клуб Ал Наср. Доаѓањето на Кристијано Роналдо предизвикува бура на рекации на социјалните мрежи а преку тоа Ал Наср има нови над 10 милиони следбеници.

Инвестирање во спортски клубови или спортски натпреварувања, каде еден податок од периодот на рецесија и на економска криза покажува какво било движењето на инвестициите во спортот (фудбалот) во тој тежок период за светската економија. Една од најпрофитабилните и најзначајни спортски инвестиции денес е англиската Премиер лига во фудбалот, како најпопуларно и најгледано спортско натпреварување во светот во коe учествуваат најбогатите фудбалски клубови на светот. Премиер лигата е следена од повеќе од една милијарда поддржувачи во повеќе од 202 држави.

Од тие причини може да се каже дека инвестирањето во спорт, но и спортска инфраструктура е повеќе од профитабилно во глобалниот спортски систем. Факт е дека вложените финансии во спорт и во спортска инфраструктура би можеле да се вратат и повеќекратно ако се работи профитабилно, како и тоа дека треба да се охрабрат што повеќе компании да ги насочуваат своите профити во спортот и во спортската инфраструктура преку сериозно изработени спортски елаборати.

Колумна на Иван А.