Стерјовски бара целосно почитување на Законот за заштита на малцинствата во Албанија

Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, како член на парламентарната комисија за европски интеграции, на онлајн седницата со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, му постави прашање поврзани со почитувањето на правата на македонското и другите малцинства во Албанија.

– Еден од критериумите за членство на Албанија во ЕУ е почитувањето на правата на малцинствата и во тој контекст во октомври 2017 година беше усвоен Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија, закон кој требаше да го исполни законскиот јаз во однос на третманот на малцинствата во нашата земја. Поминаа две и пол години од донесувањето на овој закон и се уште не се усвоени околу 50 отсто од подзаконските акти и овој закон не се применува, рече Стерјовски.

Но, додаде тој, дури и оние подзаконски акти кои се одобрени, не се применуваат, како што е случајот со владиниот Комитет за националните малцинства.

Стерјовски потсети дека Владата  донела подзаконски акт кој се однесува на реорганизација на Комитетот во декември 2018 година. Исто така, во мај следната година, одлука за избор на претседател, заменик-претседателот и членови на Комитетот на малцинствата кој треба да се именува Комитет за национални малцинства, но Комитетот се уште не е формиран.

– Моето прашање до министерот е што се прави со носењето на подзаконските акти? Зошто Владата го одложува носењето на подзаконските акти со оглед на тоа што како што споменав, еден од условите за членство во ЕУ е почитување на правата на малцинствата, го праша Стерјовски министерот Цакај.

Првиот албански дипломат одговори дека во врска со примената на законот за малцинства и заштитата на правата на малцинствата Албанија е земја пример за тоа.

– Го потенцирам фактот дека Албанија е земја-модел во однос на почитување на правата на малцинствата. Не се спомнува тоа само од нас, туку е документиран и рефлектиран факт во извештаите на меѓународните организации, вклучително и извештајот на Европската комисија. За разните доцнења, треба да се има предвид дека е многу важно секој подзаконски акт да има доволна стручност и правилен квалитет, одговори Цакај.

Стерјовски побара одговор и за тоа кога се планира отворање на границата кон Република Северна Македонија, каде голем број Македонци од подрачјето на Мала Преспа и Голо Грдо како сезонски работници ја обезбедуваат основната егзистенција.

– Со министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Димитров, во целиот овој период сум речиси во секојдневна комуникација и секако, меѓу другото,  разговаравме и за можноста за отворање на границите. Многу наскоро ќе одржиме конференција на ниво на министри за надворешни работи од регионот за да разговараме околу можноста за отворање на границите, рече Цакај.

Тој посочи дека отворањето на границите треба да се направи внимателно и во согласност со сите потреби на одржување на јавното здравје и спречување на ширењето на пандемијата.

Треба да знаете
Последни објави