Skip to main content
Свет

Нови детали за тројното убиство во Шведска: Напаѓачот е во бегство, полицијата оди од врата на врата

30/04/2025  08:16

Три лица се убиени во престрелка што се случила вчера во фризерски салон во центарот на Упсала, потврди шведската полиција. Напаѓачот избегал со скутер и се уште е во бегство.

MK Summit

Престрелката се случила во близина на плоштадот Ваксала, а локалните медиуми јавуваат дека полицијата опколила голем дел од градот и започнала истрага за тројното убиство.

Очевидци за шведската телевизија ТВ4 изјавија дека се траело неколку секунди.

„Сè се случи многу брзо. Само можеше да се слушне бам, бам, бам“, рече еден очевидец.

Друг рече дека бил дома и готвел кога слушнал „два истрели кои звучеле како огномет“, по што полицијата и брзата помош ги преплавиле улиците предупредувајќи ги луѓето да се евакуираат.

Една од жртвите, според информациите објавени од шведската национална телевизија СВТ, била под истрага за наводно подготвување напад врз роднина на водач на банда.

Пукањето се случи вечерта пред прославата на ноќта Валпургис, традиционален пролетен фестивал кој секоја година привлекува илјадници луѓе во Упсала.

Градот на северот на Шведска е познат по универзитетските и бучните прослави во пресрет на 1 мај.

Поради инцидентот, железничкиот сообраќај е привремено запрен за да се спречи евентуалното бегство на сторителите, потврди полицискиот портпарол Магнус Јансон Кларин, додавајќи дека во потрагата бил вклучен и полицискиот хеликоптер.

Возовите подоцна повторно тргнаа, а полицијата оди од врата до врата за да собере дополнителни докази.

Министерот за правда Гунар Штромер го опиша нападот како „брутален чин на насилство“.

Полицијата на својата веб-страница објави дека ја разбира загриженоста на граѓаните во пресрет на фестивалот, но и смета дека засега се работи за изолиран инцидент и дека нема никаква опасност за јавноста.

Во февруари десет лица беа убиени во пукање во образовен центар во шведскиот град Оребро.