
Американскиот воздухопловен и одбранбен гигант „Боинг“ денеска објави значително помала нето-загуба во третото тримесечје, благодарение на пониските трошоци и повисоките приходи, а истовремено повторно оствари оперативна добивка. Вкупната вредност на заостанатите нарачки на „Боинг“ на крајот на септември достигнала 745 милијарди долари, во споредба со 682,21 милијарди долари на крајот на 2025 година.

Компанијата забележа нето-загуба од 116 милиони долари, во споредба со загубата од 5,34 милијарди долари во истиот период минатата година. Приходите се зголемиле за четири проценти, на 24,19 милијарди долари, главно поттикнати од поголемиот обем на работење во одбранбениот сектор и во секторот за услуги. Вкупните трошоци и расходи се намалиле на 22,02 милијарди долари, од 25,65 милијарди долари во истиот период лани.
– Неодамнешните достигнувања, меѓу кои и сертификацијата на моделите 737-7 и 737-10, како и изборот на ‘Боинг’ за дизајн и изградба на борбен авион од шестата генерација за американската морнарица, се важни чекори во продолжувањето на нашиот напредок“ – изјави извршниот директор на „Боинг“, Кели Ортберг.
– Но, сè уште не сме ја завршиле работата. Остануваме фокусирани на безбедноста и квалитетот, а ги интензивираме напорите за рационализација на работењето и дисциплинирано спроведување на плановите, за да ги исполниме нашите обврски и да ги постигнеме трајните резултати што ги очекуваат нашите засегнати страни – додаде тој.
Приходите на секторот за комерцијални авиони на „Боинг“ се намалиле за три проценти, на 10,72 милијарди долари, и покрај зголемувањето на испораките за еден процент, односно на 161 авион. Компанијата соопшти дека производството на авионите од моделот 737 напредува кон стабилно темпо од 47 авиони месечно, додека производството на моделот 787 останува стабилно на осум авиони месечно. Во текот на тримесечјето, овој сектор добил 300 нови нарачки, откако ќе се одземат откажаните, меѓу кои и од „Туркиш ерлајнс“, „Етиопијан ерлајнс“ и „Луфтханза“.
Приходите на секторот за одбрана, вселена и безбедност на „Боинг“ се зголемиле за 15 проценти, на 7,95 милијарди долари, поттикнати од поголемиот обем на работење, додека приходите на секторот за глобални услуги се зголемиле за четири проценти, на 5,57 милијарди долари.

Неподмирените нарачки во секторот за комерцијални авиони опфаќаат повеќе од 6.300 авиони, со вкупна вредност од 611,83 милијарди долари, додека вредноста на нарачките во одбранбениот сектор достигнала 101 милијарда долари.
