Skip to main content
Свет

Кина негираше дека Си Џинпинг неодамна разговарал со Трамп

28/04/2025  12:26

Кинеските власти денеска соопштија дека во последно време немало телефонски разговори меѓу претседателот Си Џинпинг и неговиот американски колега, што е спротивно на тврдењата на Доналд Трамп дека разговарал со кинескиот лидер.

Двете најголеми економии во светот водат трговска војна, која ја покрена американскиот претседател.

Трамп воведе царини од 145 проценти за повеќето кинески производи што влегуваат во САД. Пекинг возврати со воведување свои царини од 125 проценти за американски производи.

Во интервју објавено во петокот од списанието „Тајм“, американскиот претседател изјави дека имал телефонски разговор со Си Џинпинг, без да го прецизира датумот и содржината на разговорот.

„Колку што ми е познато, двајцата шефови на држави во последно време не разговарале по телефон“, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.

Трамп, исто така, за списанието „Тајм“ изјави дека се во тек разговори со Кина за обид за постигнување договор и додаде дека процесот би можел да биде завршен во наредните недели.

„Би сакал да истакнам дека Кина и САД не одржале консултации или преговори во врска со царините“, изјави кинескиот портпарол.