
Љупчо Палевски, првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски сведочи во Основниот кривичен суд во Скопје, тврдејќи дека е невин и киднапиран од судот.
Ако сакав пари, вели Палевски, имам хард диск Тошиба кој го одземаа со записник во кој има преку 200 илјади телефонски разговори, гнасотии на оваа политичка елита, но и на новинарската професија и доколку сум сакал да реализирам какво било користољубие сум можел да уценувам милијардери со Ферари и останати, но, ете, тоа не сум го направил.
Тврди дека немал мотиви за такво злосторство.
За обвинетиот Кешишев вели дека е политички неук но стабилен човек, патриот, а за Велибор Манев рече дека го знае од партијата и бил амбициозен и алчен за пари. Боре Видевски беше зачленет од страна на Велибор Манев во Десна, скромен и дисциплиниран, вели Палевски, а за Александар Ѓорчевски кажа дека првпат името и презимето му ги прочитал во кривичната пријава во ќелијата.
Тврди дека го местат оти почнал да објавува дека во македонски банки се перат пари од продажба на ирански дронови. Рече дека Гаврил Бубевски и Оливер Спасовски се директно одговорни за перењето пари зашто Спасовски дозволил нерезидентен државјанин да отвори сметка во НАТО банки во Македонија. Износите депонирани во македонските банки, рече Палевски, се доволна причина да ми се изврши морален атентат и да биде компромитиран.
Тврди и дека сведокот Гоце Трајковски, до полицијата праќал скриншотови од инфлуенсерки и новинарки, дека Вања е вонбрачна ќерка на Палевски. Обвинетиот смета дека ваквиот однос на медиумите е поради политиките на партија Десна, која единствена покренала иницијатива за референдум за идентитетските прашања на Македонија.
„После година ипол од настанот нема наслов во медиумите каде монструмот го посочува оружјето со кое постои веројатност да е сторено кривичното дело. Таков наслов во нашите релевантни медиуми не постои. Самата политика што ја почнавме, со Десна, е причина за ваквиот однос на медиумите бидејќи сме единствена партија што покренала иницијатива за референдум во однос на бугарската агресивна политика кон Македонија. Примерот со организација на референдум за така важно прашање мора да биде искомпромитиран зашто се поставува прашањето зошто власта тоа не го прави“, рече Палевски.