
Под мотото „Задоцнета реакција“ семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ денеска организираа протестен марш.
Симболично, учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, со што го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Во тишина и молк колоната од неколку стотини граѓани помина во Трговскиот центар кратко задржувајќи се пред кафе барот чиј сопственик ја имаше и дискотеката, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.

Со едноминутен молк пред Полициската станица граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.
-Бараме отчет за сработеното, беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството, а истата беше испишана и на еден од транспарентите.
Граѓаните на маршот истакнаа транспаренти со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“ и слично. Потоа се вратија на почетното место во Паркот и најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.