Search

Три концерти на Трпчески во Јужна Кореја – азиска премиера на „Македонисимо”

Музичкиот проект „Македонисимо” на Симон Трпчески и пријателите има азиска премиера на три концерти во Јужна Кореја, информира КултурОп.

Во изјава за Македонското радио нашиот познат пијанист вели дека приемот е одличен, а единствена разлика е тоа што дел од публиката носи заштитни маски од претпазливост од коронавирусот.

-Се радуваме од реакцијата на публиката на темите од македонскиот фолклор, а нивната почит е изразена и со раритетна можност во програмата делата да бидат најавени и на кирилица, на македонски јазик, изјави Трпчески, користејќи ја можноста на своите домаќини да им ги честита четирите Оскари што ги освои филмот „Паразит”, подвлекувајќи ја уште еднаш и гордоста од двете номинации за македонскиот документарец „Медена земја”.

Инаку, во „Македонисимо” – новата димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов, покрај Трпчески настапуваат и Александар Краповски на виолина, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал, зад удиралките е Влатко Нушев, а овојпат наместо Александар Сомов од Бугарија, на виолончело е нашиот Паскал Краповски.

Поради големиот интерес за изведбата на „Македонисимо” во Јужна Кореја, локалниот промотор YT на својот сајт ќе обезбеди и директен пренос од третиот концерт закажан за утре, 13 февруари.

Светската премиера на „Македонисимо” беше 18 мај 2017 година на музичкиот фестивал во Лудвигсбург, Германија.

Треба да знаете
Последни објави