
Во моментов на Клиниката за пластична хирургија во Скопје се прават плановите во која фаза колку пациенти треба да бидат опфатени со хируршка интервенција за реконструкција на изгореното ткиво од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, информира денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на прес-конференцијата во Владата.
Во неделата рано наутро, на 16 март во дискотека во Кочани изби пожар во кој загинаа 59 лица, а 178 беа повредени. Од нив 101 се испратени на лекување во странство, во европски држави, а 77 се лечат во болниците од јавното и приватното здравство во државата. Денеска ќе бидат транспортирани последните пациенти за странство и со тоа ќе заврши испраќањето пациенти на лекување надвор од Македонија.
Такви зафати и во минатото се правени на Клиниката од каде ќе не информираат за темпото и во согласност со тоа ќе почнеме да работиме. Денеска би требало да заврши фазата на транспорт на пациентите во странство што ќе овозможи целосна концентрација на планирање на следните чекори во земјава, кои не се само трансплантација на кожа, туку ќе има и други постапки кои се неопходни, бидејќи дел од лекувањата ќе бидат подолготрајни. Мора да се подготвиме дел од пациентите да ги вратиме во земјата и да бидеме способни да го продолжиме нивното лекување, рече Клековски во одговор на прашање на прес-конференција во Владата.
Од утре, додаде, се фокусираме на планирањето на следните чекори, бидејќи згрижувањето на овие пациенти е завршено.
Веќе почнаа првите отписи од клиниките и можеме да ги планираме следните чекори кои можеби ќе траат една или две години. За да нема застој во здравствените услуги за останатите граѓани во моментов сакаме повредните пациенти од клубот „Пулс“ да ги повлечеме во две болници, посочи Клековски.
Прашан дали се планира повторно да се отвори Центарот за изгореници во клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски во Скопје што беше згаснат во 2016 година, рече дека ќе го направат тоа ако стручната фела каже дека има потреба.
Хирург што редовно не работи со изгореници не е специјалиста за тоа подрачје. Токму затоа многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во 10 години имаме пет тешки случаи со изгореници што сме ги испратиле во странство и уште 10-тина што се третирани во Македонија. Треба да направиме проценка дали ни е потребен тој центар тука или е поедноставно да имаме договор за соработка со Пирогов во Софија или Папаниколау во Солун. Не треба да имате само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно. Јас не сум надлежен да одговорам дали имаме доволно патологија, но ако стручната фела каже дека имаме потреба – тогаш да, но повторно ќе биде центар за изгореници со четири легла, појасни Клековски.
Нагласи дека со несреќи како оваа во Кочани никој не може да се справи сам, дури ни поголеми и поорганизирани држави од нашата и додаде дека токму затоа постојат европски механизми за солидарност кои се активираат и ги распоредуваат повредените.