
Таткото на убиената Вања го праша второобвинетиот Велибор Манев зошто го сториле тоа, зошто му го убиле детето, при што Манев кажа дека тоа е прашање за Палевски.
– Што се случи, зошто ми го убивте детето? – праша Александар Ѓорчевски.
– На тоа прашање не можам да одговорам, треба да го прашате Палевски, тој што го изврши тоа – рече Манев.
На денешното рочиште Бојан Манев, адвокат на Боре Видевски, го испрашуваше второобвинетиот Велибор Манев.
Обвинетиот Манев повтори дека на 23.11.2023 година откако ставиле гориво во возилото на Панче, тргнале по единствениот пат кон Башино село, поминале пред „Романтик“ за да продолжат по стариот пат кон Катланово и кон Скопје и потоа се исклучил кон селото Рудник до самото место. Манев рече дека во тој момент патот кон езерото не бил затворен поради градежни активности.
– Дали девојчето е врзано кога е убиено? – праша адвокатот Бојан Манев.
– Да – рече Велибор Манев.
– Каде се наоѓаше тегот во земуницата? Во доказите нема тег – праша адвокатот Бојан Манев.
Пуштен беше доле. Јас носев ланец и катанец за да го врзам Панче. Тегот можеби сѐ уште не е изваден од земнуницата – рече Манев.
– Што направивте со синџирот? – праша адвокатот.
– Го вратив дома, кај мене, во ходник е – рече Манев.
– Колку влеза има зградата од каде го грабнавте девојчето? – праша адвокатот.
– Само еден – одговори Манев.
Второобвинетиот беше испрашуван и од адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е бранител на таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
– Рековте дека во 2022 сте ја ископале дупката со цел таму да држите грабнати луѓе. И почнавте да правите планови за грабнување луѓе. Кога точно во 2022 и 2023 донесовте одлука да извршите грабнување на личноста од зградата од која е грабнато детето Вања? – праша адвокатот Туфегџиќ.
– Месец дена пред грабнувањето, Палевски ми напомена дека може да биде Страшо, директорот на Гранит или ќерката на некој фармацевт на возраст од 40-тина години – рече Манев.
– Колку средби и состаноци имавте пред да ја донесете одлуката да ја грабнете личноста од зградата – праша адвокатот Туфегџиќ.
На ова прашање Манев кажа дека Палевски рекол дека ќе ја набљудува жената и во следните две недели дека ќе ги следи нејзините движења кога излегува и каде и воопшто нејзините навики, за да знаат како да реагираме. Палевски ја следел извесен период од десетина дена, им покажувал слики по што жената била на возраст околу 40 години
– Првата слика беше како излегува жената од влезот на зградата и се спушта по скалите. Втората слика беше како се движи по тротоарот на улицата Наум Наумовски Борче што оди кон Партизанска. И фотографија на паркинг – опиша Манев.
– Кажавте дека сте ја виделе добро личноста. Дали тоа значи дека детето што го грабнавте не е личноста од фотографијата? – праша адвокатот.
Личноста од фотографиите многу наликуваше на обликот на детето по висина, коса, боја на коса. Не знам дали беше фотошопирана, но на фотографиите воопшто не личеше на дете. Покрај самиот изглед, времето на излегување, 7.20 наутро, што се поклопува со секојдневното време кога таа жена излегува, затоа бевме сигурни дека е таа – рече Манев.
– Во вашиот исказ од 3.12.2023 кажавте „Почна да го испитува чие е и што е, колку што ми е познато, Палчо ги знае родителите и очекуваше да добие пари од ситуацијата, бидејќи не би сакале да останат без дете, па затоа одлучи да останат без дете и без пари“. Зошто во овој исказ што сте го дале пред јавен обвинител не го посочувате таткото Александар како вмешан во овој настан, туку тоа го правите во вашиот исказ дури на 6.12.2023 година? – праша Туфегџиќ.
– Јас, како што реков и претходно, кажав дека таткото Александар прв пат го видов на слика од телефон на распит во полициска станица. Таму прв пат ми беше посочено кој е и што е човекот. Кажав и дека бев физички малтретиран и тепан во полициска станица за да кажам дека сум видел дека Палчо разговара со Сашко. За изјавата од 6 декември, сакам кратко објаснување. Тогаш бев во безумие од тортурата што ми беше направена во самиот затвор. Бев истрауматизиран, 40 минути бев во исчекување да ми дојде редот за тепање по стапала до крв, како што им направија на другите тројца. Редоследот беше Александар, па Боре, па Кешишев. Мене ме земаа кога го вратија Кешишев во келија. 40 минути слушав вриштења од тепањето. Толку сум бил избезумен што кажав дека ќерка ми работи во Словенија, а не е точно – рече Манев.
Дали вие лично слушнавте и видовте дека Палевски телефонски разговара со таткото Александар – праша Туфегџиќ.
– И претходно одговорив, не. Никогаш ниту сум слушнал, ниту сум видел – рече Манев.
– Кажавте во исказот дека дури во третиот наврат сте успеале да ја грабнете личноста од зградата. Појаснете ни како вршевте обиколка на теренот во и околу зградата пред грабнувањето и во кој период од денот – праша Туфегџиќ.
После следењето од 10 дена на самата личност, Палевски нѐ однесе до самата зграда, ни објасни каде е влезот, каде е сутеренот, надвор од зградата, излезните скали што одат кон сутеренот… Ноќно време беше тоа. После тоа нѐ носеше на некоја од бензинските да пиеме кафе, ни ја покажуваше сликата од личноста за да ја запомниме, особено на Боре – рече Манев и додаде дека пред тоа не му била позната локацијата на зградата и дека откако Палевски се одлучил за личноста им рекол дека тој ја градел зградата.
– Во вашиот исказ спомнавте член на семејството на Страшо Гранит, ќерка на богат фармацевт. Дали тоа значи дека сте таргетирале повеќе лица од таа зграда за грабнување? – праша Туфегџиќ.
– Таргетирањето и одлуката кој ќе биде грабнат е по мислење на Палевски, зашто тој ги знае луѓето во самата зграда – рече Манев и додаде дека никогаш не фотографирал лица во и околу зградата пред и по грабнувањето.
Манев објасни како ја отклучиле вратата од подрумската просторија во зградата. Вратата била затворена, но не била заклучена.
– Кога за прв пат видовте и сфативте дека сте грабнале дете а не лице на 40 години? – праша Туфегџиќ.
– Во моментот кога ја откопчавме вреќата за Палевски да ја слика и да праќа слики на фамилијата. Тоа се случи откако ја извадивме од гепекот, ја поставивме на земја во легната положба, ја откопчавме вреќата, ја извадивме лентата од устата за да ја слика и тогаш видовме дека е дете – објасни Манев.
– Кажавте дека детето ви ги кажало телефонските броеви од мајката и од таткото. Дали некој од вас ги запиша овие брови? – праша Туфегџиќ.
– Палевски ги запишуваше, му требаа за да им се јавува – рече Манев.
– Дали вие тој ден имавте мобилен телефон со вас на самото место или само радио станици? – праша Туфегџиќ.
– Јас имав радио станица и никој од нас немаше мобилен телефон освен Палевски за да слика и да праќа пораки – одговори Манев.
– Каде ги оставивте мобилните пред грабнувањето? – праша Туфегџиќ.
– Мојот беше во Велес, го оставив дома – рече Манев.
– Дали некој од вас се јавил на телефонските броеви што ви ги кажа детето? – праша Туфегџиќ.
– Јас никому не се јавив, а за другите не знам. Нити ги запишав ниту ги запомнив броевите – рече Манев.
Кажавте дека сте сакале да го сликате детето со телефон за да ги пратите сликите заради откуп. Зошто не го направивте тоа? – праша Туфегџиќ.
– Тоа ќе го прашате Љупчо Палевски – рече Манев.