Македонија во драматичен финиш славеше над Алжир за финале на „Трофеј Карпати“

Македонската ракометна репрезентација славеше против Алжир со 25:24 во полуфиналето на „Трофеј Карпати“ во Букурешт.

Селекторот на македонската репрезентација, Данило Брестовац, на овој турнир настапува со ракометари пред се од домашното првенство, бидејќи носителите на играта како Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Филип Талески ќе ги прескокнат овие дуели и ќе ѝ се приклучат на селекцијата дури по нејзиното враќање, кога треба да почне финалната фаза од подготовките за Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска.

Македонија во текот на целиот меч ја имаше резултатската контрола, особено во првото полувреме во кое разликата се движеше од 3-4 голови позитива. На пауза македонските ракометари заминаа со највисока предност од 15-9. На стартот од вториот дел Алжир одигра уште поагресивно, иако и во првиот дел нималку не беа нежни кон нашите ракометари, па со неколку брзи погодоци на два пати се врати на два негатива, но избраниците на Брестовац знаеја како да ја зголемат предноста во тие моменти. Во 50. минута нашите ракометари пропуштија неколку изгледни шанси, во неколку наврати им затрепери раката за лесни одбрани на голманот на Вардар, Гебдане Калифа, па одлично го истористи тоа за минус еден (21-20). Во последните десет минути се играше гол за гол, со позитива на „црвено – жолтите“ од еден до два разлика, па на крајот нашите дојдоа до посакуваниот триумф од 25-24. Инаку, Алжир имаше напад за израмнување, но Митрески одлично интервенираше.

Македонија во утрешното финале ќе ги одмери силите против победникот од дуелот меѓу домаќинот Романија и Холандија, меч кој ќе се одигра денеска во 17:15 часот.

Треба да знаете
Последни објави