
Утре теренски екипи и механизација ќе почнат акција за расчистување на патот кон депонијата Краста, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“. Акцијата, како што изјави директорот на претпријатието, Ненад Стојановски, ќе почне во 07:00 часот.
Жителите на Пчиња во чија близина се наоѓа депонијата што неодамна беше опожарена, бараа расчистување на патот како една од точките за кои претходно се договорија со надлежните од локалната власт и со менаџерскиот тим од претпријатието. Од „Чистота и Зеленило“ ги повикуваа жителите на селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в да се приклучат во акцијата и да придонесат за подобра и побезбедна околина.
Од претпријатието апелираат до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни и да ја почитуваат поставената сигнализација за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Претходниот период, депонијата беше опожарена.
Во однос на барањата на жителите од Пчиња, Стојановски денеска информираше дека остануваат поставување на дел од оградата и видео-надзор на депонијата. За оваа намена општината одвои скоро два милиони денари од буџетот. Системот за вода е поставен, но од претпријатие се сложуваат дека е потребна надоградба.
– Постојано се уредува депонијата, засадивме и дрвца како превентивна мерка. Сепак, трајно и системско решение е депонијата да стане претоварна станица како што е и замислено со европскиот проект. Тогаш очекуваме и помалку смет и помала можност за повторно палење на депонијата. Ова е крајно решение на проблемот, изјави Стојановски.
Во меѓувреме продолжи и засадување на садници во централното градско подрачје. Екипите на претпријатието, продолжуваат со садење на садници на зелените површини.
– За 14 месеци насадени се 6.500 садници и над 3.200 цвеќиња. Цвеќињата се садат на плоштадите, кружните текови, ситно зелени површини во централното подрачје, а садниците најголем дел кои беа произведени во нашите расадници и извесен дел кои беа добиени преку проект од ЕУ станува збор за 1800 садници, рече Стојановски.
Наредниот период во сите училишта ќе бидат доставени садници, добар процент произведени во садниците на претпријатието.
Општината пак ќе набави и дополнителни висококвалитетни садници за намалување на аерозагадувањето.