Skip to main content
Македонија

Пратките отсега ќе можете да си ги подигнувате самите од пакетомати

14/03/2025  14:28

На промотивен настан денес беше презентиран нов начин за подигнување на пратките, што како што беше посочено, ги надминува досегашните предизвици со доставата.

Се работи за воведување на паметни автоматозирани пакетомати, а пратката би можеле да си ја подигнете со кодот кој би пристигнал на вашиот мобилен телефон.

Решението во земјава го воведува „Мај бокс“ (My Box). Основачот на компанијата, Далибор Ѓошевски, изјави дека идејата е резултат на детална анализа на потребите на корисниците и предизвиците во постоечкиот систем за достава.

„Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и достапно решение што ќе стави крај на загубените пратки, на долгите чекања и на ограничувањата на временски рамки во доставата“, рече Ѓошевски.

Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија за иднината на е-трговијата и предизвиците на логистиката, за тоа како иновативните производи и услуги од овој тип ќе го подобрат искуството на корисниците и ќе го оптимизират процесот на достава.