Започна со изградба најголемиот мега парк на територија на општина Гази Баба кои се простира на површина од 10.000 метри квадратни во новата населба Хиподром 2, објави градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во видео обраќање на социјалните мрежи.
Продолжува, вели градоначалникот Стефковски во објавата на својот фејсбук-профил, грижата кон животната средина, а дополнително со изградбата на паркот, според него, се создава простор на кој граѓаните ќе имаат можност да спортуваат и рекреираат.
Тој додава дека покрај зелената површина и урбаната опрема во паркот ќе бидат засадени нови садници дрвја, а ќе се изгради и спортски терен за кошарка, како и фитнес зона на отворено.
-Ова не е прв голем парк кој општина Гази Баба го гради. Изминатиот период нови зелени паркови се изградија во Триангла и Ченто, вели градоначалникот.
Општина Гази Баба, најавува, и во следниот период ќе продолжи со мапирање во населените места со цел изнаоѓање на нови просторни капацитети за подигање на нови зелени површини.