Skip to main content
Скопје

На парцелата пред ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ нема да се гради, ќе остане зеленило, реагира Општина Аеродром

06/03/2025  13:10

Деновиве во јавноста се појавија информации дека „парковски простор во срцето на Општина Аеродром е мета на градежни амбиции“. Како Општина ве уверуваме дека посочената парцела ќе остане парк со постојното парковско зеленило, без најмала можност некој да го бетонизира, објави ВД градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески.

-Ја разбираме загриженоста на граѓаните, имајќи предвид дека во минатото имаше и примери каде што за бизнис интереси се узурпираа постоечки паркови, па токму затоа сакаме да потенцираме дека за таа парцела што е во приватна сопственост, а која се наоѓа во зеленилото пред ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ нема маркица за градба во постојниот ДУП, потенцира Митески.

Ние како Општина сме должни да ги заштитиме интересите на сите граѓани и затоа со внимание го следиме овој случај, како и наводните изјави од сопственикот на парцелата дека планира да го загради имотот. Ограда не може да биде поставена без одобрение за истата, а секое постапување спротивно на позитивните законски прописи ќе биде третирано како градба без одобрение, заради што е предвидена и кривична одговорност, истакна во објавата Митески.