Сестрата на трагичното загинатата Фросина Кулакова, Росица, се огласи на социјалните мрежи по денешната прес-конференција на родителите на возачот Васил Јованов. Росица упати порака до Ана и Зоран Јованови, наведувајќи дека „не му помогнале на своето дете да го пронајде вистинскиот пат“.
-Не сте преземале никаква одговорност како родитители, па уште и се нудите да ни помогнете! Вие не сте успеале да му помогнете на сопственото дете да го пронајде вистинскиот пат, а сега нам ни нудите помош за да ги исправите последиците од вашата претходна негрижа. Мизерија. Ајде тоа, туку се осмелувате и да го негирате оправданиот револт на целата јавност. Дното стварно имало подрум. Знаеме дека вам не ви одговара да профункционираат правосудството и сите останати институции, стои во реакцијата на Росица.
Родителите на Васил денеска негираа дека му го дале возилото на своето дете, туку се вадеа дека тој возилото го украл дента а било купено за мајката Ана.
-Колата е купена во 2016 година поради потреба зашто сопругата работеше подалеку и ѝ требаше за да патува на работа. Правно беше на мое име, де факто сопругата ја користеше. Васил до 18 години не дозволив ни со мене ни со чичко му да вежба да вози верувајќи дека најдобро се учи со часови од почеток. А и не бараше. Кога завршил со часовите со инструкторката, кога помина низ тој процес претпоставувам дека помислил дека знае да вози. И го има украдено автомобилот, рече Зоран Јованов.
Зборуваше и адвокатот на Васил, Сашо Дукоски.
-Она што ме поттикна и што не можев да поминам преку тоа е изразувањето на многу ноторни невистини, повик на линч, повик на крв и наместо воспоставување на право со владење на законите во една демократска и правна држава во една обвинителска и судска постапка, воспоставување или обид за воспоставување на т.н. начело – око за око, заб за заб. Во последниот период видовте низа т. н. експерти кои се низата за постапката, а постапката не трае ни една недела, рече бранителот на пресот.
Обвинителството не се откажува од постојано прибирање нови докази и проверки на текот на претходната постапка водена против Васил Јованов, вели јавниот републички обвинител Љупчо Коцевски. Делото го стори додека ја чекаше на слобода пресудата од Скопска апелација поради претходно сторено кривично дело. Апелација денеска соопшти дека е осуден со 3 години и 10 месеци затвор за трговијата со дрога.